Од некогашен елитен градски хотел, потоа солиден старски дом, до обична руина
Последниве неколку месеци некогашниот елитен градски хотел „Битола“, потоа солиден старски дом изложен е на целосно демолирање и кражба на се она што е вредно. Жителите соседи велат тоа настанало откако престанало да има стражарска служба. Несаканите гости обично оперираат во ноќните часови а жителите се уплашени од галамата и дека местото е на чекор да прерасне во дувло на наркомани. Објектот е во надлежност на ПИОМ…

И она што ни е дефицитарно а сме го имале, очигледно е дека не знаеме да го чуваме. Последниве неколку месеци алармантна е состојбата со некогашниот градски хотел „Битола“ кој до пред нешто повеќе од една година функционираше како старски дом. Откако престана да функционира стражарската служба главно во ноќните часови тука се крши или изнесува се она што било вредно.
Вознемиреноста и загриженоста најповеќе присутна кај соседите од околните куќи и колективни згради. Во изминатиов период велат се соочуваат со чудна врева и сомнителни лица.
За нас е многу поголем проблем безбедноста на овдешните станари како и нашите малолетни деца иако веќе имаме алармирано во полиција, вели Стојановски.
Повремен сосед е и иселеникот од Австралија Амет Ризмани. Вели таму ваквите објекти не се оставаат на забот на времето.
Објектот со кој стопанисува ПИОМ а бил некогаш изграден со средства на пензионерите во рамките на фондот за станбена изградба досега имал три неуспешни обиди за продажба. Раката на спасот засега ја пушта Здружението на пензионери Битола на кое доколку му биде отстапено подготвено е етапно да го реновира.
Стевче Митревски
