Уставни измени

СДСМ повикува на носење важни државнички одлуки, ВМРО-ДПМНЕ со непроменет став

29.08.2023 14:34

Испратени сигнали од високи претставници на ЕУ за ново проширување во 2030-та година, велат социјалдемократите. Нема да дозволиме блокади на евроинтегративниот пат, порачаа од власта. Според опозицијата пак, од ЕУ чекаат и на исполнување на реформите. Остануваат на ставот дека нема да ги поддржат уставните измени...

Европската унија испрати силен политички сигнал за проширување во 2030-та. Тоа е временска рамка којашто и владата предводена од СДСМ ја постави како цел, велат во партијата. Оттаму ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во носење важни државнички одлуки за промена на Уставот и да се продолжи без блокади. Заедно со граѓаните, со проевропскиот блок ќе сториме сè за да ја  обезбедиме европската иднина на граѓаните кои во огромен дел, над 80 насто, сакаат да живеат во земја која ќе стане членка на ЕУ, посочија во СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека без силни гаранции од Брисел за многувековниот идентитет на македонскиот народ, не прифаќаат да гласаат за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Велат, власта само продава илузии за скорешно членство во ЕУ, иако и претседателот на Франција, Макрон најави две брзини на европските земји, со приоритет на реформите и на Унијата и на кандидатките.

Дебатата на пленарната седница за владиниот предлог за пристапување кон измена на Уставот заврши, а гласањето, за кое се потребни најмалку 80 од пратениците за уставните амандмани, е одложено на неопределено време. 

 

Игор Панов