Прага

Средба Пендаровски - Павел

29.08.2023 14:45

Претседателот Стево Пендаровски во дводневна официјална посета на Република Чешка. Со својот домаќин, Петр Павел, разговарале за македонските аспирации за членство во Европската унија, партнерството во НАТО и за состојбите во регионот...

Чешка е докажан партнер и поддржувач на евроинтеграцијата, изјави претседателот Пендаровски по средбата со својот колега Петр Павел во Прага. 

„Она што особено го цениме е недвосмислената и отворена поддршка на македонските евроинтеграции и пристапните преговори кои ги водиме, со цел, имплементација на сите  реформи и наша брза интеграција во Европската унија, изјавил Пендаровски. Двајцата шефови на држави се согласиле дека стабилноста, безбедноста и демократскиот развој на Западниот Балкан зависи од неговата европска перспектива, што е причина повеќе за засилено присуство на европски претставници во регионот, за да се задржи кредибилитетот на процесот на проширување. 

Пендаровски и Павел се согласиле дека одличните билатерални односи во последниве 6-7 години резултирале и поголема зголемена економска соработка, што може да се подобри со формирање на македонско-чешка бизнис асоцијација за соработка во енергетиката, транспортната инфраструктура, ИТ секторот, земјоделството, прехранбената индустрија и заштитата на животната средина.