Барања за утврдување застареност на долгови
Законот со кој се предвидува бришење на долговите постои, но во пракса тешко се спроведува. Граѓаните заглавени во лавиринт со институциите, не знаат кој треба да одлучи дали нивниот предмет е застарен. МТВ се обиде да добие одговори и од граѓанскиот суд онаму каде застанува постапката и од Министерството за правда кои очекуваат од извршителите да го почитуваат новото законско решение...

До скопскиот граѓански суд почнаа да пристигнуваат приговорите од граѓаните кои бараат да им се констатира застареност на долгот. Тие бараат судот да утврди дали извршителите незаконски постапиле кога ги одбиле со заклучок дека не се надлежни да одлучуваат за застареност на нивните долгови. Од скопска двојка за МТВ велат дека по овие приговори надлежен судија одлучува во период од 72 часа откако ќе истече рокот за одговор на извршителот.
„При одлучувањето предмет на оценка на судот е дали извршителот при извршувањето постапувал незаконски или, пак, пропуштил да преземе определено законско дејствие во зависност од наводите во приговорот и фактите во секој конкретен случај. Меѓутоа, до овој момент ниту една од одлуките што ги донел овој суд, како првостепен суд, не станала правосилна за да може да се смета дека има востановена судска практика при постапување и одлучување по ваков вид предмети“, велат за МТВ од скопскиот граѓански суд.
Од Министерството за правда за јавниот сервис појаснуваат дека Законот за облигациони односи покрај многу други прашања ги уредува и договорните и казнените камати, но и застареноста.
„Во членот 349 (кој не е предмет на законските измени) е утврдено дека судот не ја зема предвид застареноста ако должникот не се повикал на неа. Постојат бројни законски одредби со кои се уредува сферата на застареност на побарувањата и правото да се бара присилно извршување на обврската, како откажување од застареност, признавање долг, и за нив одлучува исклучиво суд“, велат од Министерството за правда.
Измените на Законот за облигациони односи и Законот за извршување што ги усвои Собранието освен што го регулираат застарувањето на долговите предвидуваат и неможност каматата да биде повисока од долгот.
Од Комората на извршители велат дека со овие законски измени немаат обврска да утврдуваат нечии права бидејќи не сакаат со нивната одлука да нанесат штета на некоја од странките.
Адвокатската комора во иницијатива до Уставниот суд ги оспорува законските измени. Сметаат дека на овој начин наместо да се стимулира финансиска дисциплина, се насочуваат граѓаните да наоѓаат начини да избегнат плаќање.
Анита Димитријевска-Велковска
