Прогноза: Новиот Европарламент без поголеми промени

23.05.2014 09:37

ЕУ не сака поголеми промени во наредниот период, но ова нема да влијае на проширувањето со балканските држави во наредните 10 години, изјави европратеникот од Европската Народна партија Антоан Рипол во Вашингтон...

Новиот состав на Европскиот Парламент ќе биде главно составен од досегашните најголеми политички партии: Европската Народна Партија, Социјалдемократите, Зелените, но на 25 проценти од пратеничките места ќе седнат крајнодесничарски или крајнолевичарски партии, како грчките неонацисти од Златна зора и крајната левица Сириза. Европарламентарците ќе се двојат во три главни блокови, оние коишто сакаат поголема интеграција во Европа, пратеници коишто сакаат да нема поголеми промени во Унијата и трети коишто се критични на европските институции.

„Прием на нови земји членки во наредниот период како што сметаат повеќето набљудувачи во Брисел можеби ќе имаме со некои балкански држави, кои ќе се приклучат на Унијата, не веднаш , но да речеме во наредните 10 години. Веројатно нема да има прием на големи држави“, изјави европарламентарецот Антоан Рипол.

Само една третина од Европејците се уште верува во европските институции, додека останатите мислат дека ЕУ е неефикасна и нападна организација. Економијата, имигрантите и односот кон малцинствата и натаму ќе бидат главните приоритети на новото раководство на Европската Унија.

„Имаме придвижување на партиите кон десницата. Гледаме дека конзервативните партии што вообичаено ја поддржуваа интеграцијата за доброто на луѓето, сега се повеќе критикуваат“, смета Олаф Бунке, од Европскиот Совет за надворешна политика.

Новиот Европски парламент нема да биде многу наклонет кон склучување на Договор за слободна трговија со Соединетите Американски држави. Земјите членки ќе бидат поделени и во однос на надворешната политика, како на пример Германците коишто не сакаат конфронтација со Русија поради Украина.

Прогнозите на Вашингтон се дека Мартин Шулц ќе биде новиот Претседател на Европската Комисија, а шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд ќе биде новиот Висок претставник за надворешна политика на Европската Унија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ