Африка

Државен удар во Габон, војската ги затвори границите и ги распушти институциите

30.08.2023 10:49

Пучистите посочија дека не ги признаваат резултатите од изборите што се одржаа во саботата на кои победата ја прогласи претседателот Али Бонго, кој требаше да го преземе третиот мандат. Тие изјавија дека решиле да го бранат мирот во земјата со ставање крај на сегашниот режим.

Армиски офицери во Габон се појавија на националната телевизија и објавија дека ја презеле власта во земјата. Границите се затворени, институциите распуштени, а во главниот град Либревил одекнуваат истрели.

Пучистите посочија дека не ги признаваат резултатите од изборите што се одржаа во саботата на кои победата ја прогласи претседателот Али Бонго, кој требаше да го преземе третиот мандат. Тие изјавија дека решиле да го бранат мирот во земјата со ставање крај на сегашниот режим.

„Оваа земја минува низ сериозна институционална, политичка, економска и социјална криза. Мора да се признае дека организацијата на изборните рокови, не ги исполни условите за транспарентни, кредибилни и инклузивни избори. Ние, одбранбените и безбедносните сили во име на народот на Габон и како гаранти на заштитата одлучивме да го браниме мирот со ставање крај на сегашниот режим..Затоа, манипулираните резултати се поништени, границите затворени, а институциите распуштени. Го повикуваме населението, заедниците на нашите братски земји кои живеат во Габон, како и Габонците во дијаспората, да останат смирени и спокојни“, изјави висок воен офицер на Габон.

Во земјата е воведен полициски час, а блокиран е и интернет пристапот. Изборната комисија соопшти дека Бонго освоил нешто помалку од две третини од гласовите на изборите, за кои опозицијата тврдеше дека биле лажни.

Неговото соборување ќе го означи крајот на 53-годишното владеење на неговото семејство, пренесува Ројтерс.