Средба Османи-Жоли

Канада со силна поддршка за европската перспектива на Македонија

30.08.2023 12:09

Македонија е клучен партнер во НАТО за Канада и сакаме да ја видиме како членка и во Европската унија, изјави шефицата на канадската дипломатија, Мелани Жоли, која е во работна посета на земјава. За министерот за надворешни работи Османи, ставот на францускиот претседател за пристапување со различни брзини во ЕУ, е доказ дека кандидатките доколку си ја завршат работата, и пред 2030-та може да се интегрираат во европското семејство…

Најавата на претседателот на Европскиот совет, Мишел дека ЕУ ќе биде подготвена за прием на нови земји во 2030-та е историска, конечно имаме временска рамка до кога би станале членка, вели министерот за надворешни работи. Според Османи, ставот на францускиот претседател Макрон за пристапување со различни брзини во Унијата е доказ дека кандидатките доколку си ја завршат работата и пред 2030-та може да се интегрираат во европското семејство.

„Макрон зборува за брзини во смисла дека нема да влезат сите наеднаш, туку во различни брзини во зависност кој кога ќе биде подготвен. А не Европа во слоеви, во смисла привилегирани и помалку привилегирани, бидејќи ние нема да прифатиме ништо помалку од полноправно членство во ЕУ“, нагласи шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Северна Македонија е клучен партнер во НАТО за Канада и сакаме да ја видиме како членка и во Европската унија, изјави шефицата на канадската дипломатија. Додаде дека ги препознаваат предизвиците на евроинтегративниот пат, но силно веруваат дека иднината на земјава е во Унијата.

„Како што знаете Канада не е членка на ЕУ, но сме блиски пријатели како со ЕУ така и со Северна Македонија. Цврсто веруваме дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и можете да сметате на нашата поддршка. Би сакала да ве охрабрам да ги продолжете вашите напори за пристапување кон ЕУ“, нагласи министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли.

Со почести средби, Канада и Северна Македонија ќе ја зацврстуваат меѓусебната соработка во сите области, вклучувајќи и обезбедување на безвизен режим за македонските државјани за посета на Канада, каде што има голема македонска дијаспора. Од МНР било побарано Канада да отвори амбасада во Скопје, за да има подобри контакти.

Ирина Гелевска