Стратешки пакет на мерки за демографски резултати, бараат експертите
Ако според статистиката на Светска банка за последниве 20 години земјава ја напуштиле околу 600.000 илјади луѓе, а за последниве 12 години бројката на живородени бебиња е помала за 6.000 деца, тогаш не треба да не изненадува тоа што годинава уште подрастично е паднат бројот на новозапишани првачиња. Повозрасните загрижени како никогаш досега, а експертите апелираат за итен стратешки пакет од мерки кој барем по една деценија би испорачал почетни демографски резултати...

Драстичното намалување на бројот на новозапишани првачиња речиси во сите наши градови, примораноста на општинските совети да даваат согласности за формирање на паралелки со помал бој на ученици, го подигна алармот кај експертите и повозрасните граѓани за досега најнепопуларниот демографски земјотрес – со родителите да се иселувaaт и децата.
Експертите велат, ако до неодамна бевме преокупирани со внатрешната миграција и главно се пустошеа селата, сега повторно белата чума на големо ја воскреснува надворешната миграција.
„Причините се посеопфатни, од економски па сè до потрага по постабилен систем на вреднување и правичност“, вели проф. д-р Златко Жоглев, експерт по социолошки науки.
Само решавањето на горливите прашања што ги тиштат младите, а пред сè корупцијата, може да иницира општество во кое младите би останале и би го подигале намалениот наталитет.
Поранешниот ректор на Битолскиот универзитет со посебна загриженост гледа на бројката на новозапишаните првачиња во битолските основни училишта, каде оваа учебна година е помала за околу 200 првооделенци.
Стевче Митревски
