Османи: Од медиуми дознав дека „Еуровиа“ е донатор на ДУИ
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи кој е висок функционер на ДУИ, не знаел дека фирмата „Еуровиа“ од Желино која доби тендер од МНР вреден 1,8 милиони евра е донатор на интегративците. Тоа го дознал од медиумите. Османи вели дека очекувал вакви реакции во јавноста, но, остана на ставот дека постапката била целосно транспарентна. Тој најави дека целата документација ќе ја прати до Антикорупциска и Обвинителството. ДКСК веќе најави постапка. Опозицијата обвини дека фирмите блиски до ДУИ секогаш имаат повластен третман…

Нема никакво политичко влијание при изборот на компанијата „Еуровиа“ за адаптација на салата „Борис Трајковски“ за потребите на министерскиот состанок на ОБСЕ-тврди министерот за надворешни работи Османи. Била понудена најниска цена, што е единствен критериум да биде прифатена од страна на МНР. Секој друг избор би бил прекршување на законот и оштетување на буџетот, изјави шефот на дипломатијата. Османи појасни дека МНР прави само рангирање, а не одлучува за изборот ниту може да има влијание.
Фирмите блиски до ДУИ секогаш обезбедуваат преференцијален третман на пазарот благодарение на нивните политички, но и роднински врски, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат, вредноста на политичко-корпоративните врски во ДУИ за тендерот кој Бујар Османи како МНР и го доделува на „Еуровиа“, чиј сопственик е Елмедин Адеми, внук на поранешен функционер на ДУИ, е 1,8 милиони евра. Покрај тоа што фирмата има добиено многу државни тендери, таа се јавува и како најголем донатор на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ бара Обвинителството да отвори постапка по службена должност.
Претходно Државната комисија за спречување корупција отвори предмет за овој случај. Согласно Законот за финансирање политички партии, тие не можат да се финансираат од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“. Османи вели дека е подготвен целата документација да ја достави до надлежните институции.
Игор Панов
