Матурска парада 2014: Ќе се танцува квадрил и салса

23.05.2014 09:53

Освен дружењето и танцувањето на младите, оваа манифестација има и натпреварувачки тек, да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места...

Околу 1.300 матуранти по осми пат денеска на градскиот плоштад „Македонија“ ќе го заиграат танцот квадрил во рамки на „Матурската парада 2014“. Матурантите годинава ќе играат и салса. Покрај скопските матуранти од 22 училишта, ќе танцуваат и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга.
 
Освен дружењето и танцувањето на младите, оваа манифестација има и натпреварувачки тек, да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места или во различни градови. Последните години составен дел на оваа манифестација е и изјавата/заклетва на матурантите за ненасилство, за толеранција и меѓусебна соработка.
 
Организатори на манифестацијата се Дирекцијата за култура и уметност-Скопје и Танцовиот клуб „Ритам плус“ од Скопје. Покровител е Град Скопје, а поддржувачи се Делегацијата на ЕУ во Македонија и Т-Мобиле. Помагатели се компаниите Горска и Секуриком. Медиумски покровител е Македонското радио-Радио Скопје, кое ќе го преземе радио сигналот од Словенија.