Се доставуваат учебници во училиштата
На два дена пред почетокот на новата учебна година, учебниците се доставуваат до училиштата. Сите што се одобрени ќе бидат испорачани до петок. Шестоодделенците ќе почекаат за дел од книгите. Дали помошните материјали од бирото за развој на образованието се соодветна замена?

На само два дена пред почетокот на новата учебна година раздвижено низ училиштата. Се доставуваат новите учебници. Училиштата се подготвуваат за почеток на наставата. Од ресорното министерство уверуваат дека учениците кога ќе дојдат во училишните клупи ќе ги имаат учебниците. Оние, пак, кои се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на септември.
На шестоодделенците на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците, но директорката на основното училиште „Глигор Прличев“ вели дека учебникот е основно наставно средство и помагало кое на ученикот му е од големо значење и би било штета доколку учениците ја започнат учебната година без учебници.
Анастасов додава и дека иако според законот еден учебник може да биде во употреба 5 години учениците учат од многу постари учебници, бидејќи како што вели и покрај нарачката за замена на оштетените учебници не добиваат нови.
Во меѓувреме на само неколку дена пред стартот на учебната година од независниот синдикат најавија можност за штрајк, а најавија и средба со министерот за образование на којашто ќе му ги кажат своите барања. Претседателот на СОНК пак Неделков вели дека нема да го поддржат бојкотот на наставата бидејќи одлуката е задоцнета и барањата според него се неосновани. Тој истакна и дека преговорите меѓу СОНК и Министерството за образование и финансии се во завршна фаза.
Ана Јосифоска Тодоровска
