Предлог за легализација на трактори и механизација
На земјоделците им се дава уште една шанса. Доколку немаат, со измени на Законот за возила ќе може да ја докажат сопственоста на тракторите, приколките, мотокултиваторите и другите приклучни машини. Легализација на тракторите последен пат беше направена пред десетина години кога 20.000 сопственици го оствариле правото да докажат дека ја поседуваат механизацијата со која работат...

Физичките и правните лица ќе можат да ги легализираат тракторите, приколките, мотокултиваторите и другата приклучна механизација со поднесување на предлог до судот, според местото на живеење.
Документите кои ќе треба да се приложат се однесуваат на податоците за машините и за причините поради кои се почнува постапката.
Судот во рок од три дена на огласна табла ќе ги информира заинтересираните земјоделци за поднесениот предлог, а известувањето ќе биде истакнато 30 дена од поставувањето.
По истекот на рокот доколку нема пречки судот во рок од 15 дена ќе донесе решение за легализација.
Оваа законска измена ќе се применува до 30-ти јуни 2024 година.
Легализацијата последен пат беше направена пред десетина години кога 20.000 земјоделци го оствариле правото за докажување на сопственоста на тракторите. Од другата опрема се легализираа само илјада, а се смета дека има од 30 до 35.000 приклучни машини. Според земјоделците причините за ваквата состојба се загубените документи и меѓусебното препродавање без соодветни докази.
Методија Трајков
