Пратениците денеска продолжуваат со работа
Одморот на народните избраници официјално почна по државниот празник Илинден, а беше ставен на еднодневна пауза на 18 август, за кога беше закажана седницата на која како единствена точка на дневниот ред се најде предлогот за пристапување кон измена на Уставот на земјава...

Пратениците денеска се враќаат на работа во Собранието. Одморот на народните избраници официјално почна по државниот празник Илинден, а беше ставен на еднодневна пауза на 18 август, за кога беше закажана седницата на која како единствена точка на дневниот ред се најде предлогот за пристапување кон измена на Уставот на земјава.
Пленарната седница на 18 август заврши со усвојување на дневниот ред, по што беше прекината, а за нејзиното продолжение треба да информира собранискиот претседател Талат Џафери. Од 119 присутни пратеници во собраниската сала, 70 гласаа „за“, а „против“ дневниот ред беа 47 пратеници. Немаше воздржани.
Првата пленарна седница е закажана за наредната недела, на 5 септември. Предлог-дневниот ред за оваа седница засега има 15 точки, меѓу кои, Предлог на декларација по повод сто и дваесет годишнината од Илинденското Востание и Крушевската Република и Барање за давање на автентично толкување на членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци.
За денеска во Парламентот се закажани две продолженија на седници на Законодавно-правната комисија и комисиска седница на Буџетскиот совет на Собранието.
