Јужна Африка

Пожар во висококатница во Јоханесбург, има и жртви

31.08.2023 12:48

Најмалку 60 лица загинаа во пожар во станбена зграда во Јоханесбург. Повеќе од 40-тина повредени. Во тек е акција на спасувачките служби за пребарување на теренот и справување со ситуацијата. Не е познато од што пламнале огнените јазици...

Десетици загинати и повредени во пожар на повеќекатница во Јоханесбург, најголемиот град во јужна Африка. Седум од жртвите се деца. Властите очекуваат дека идентификацијата ќе биде тешка. Дел од повредените се со тешки изгореници.

„Има многу загинати, како и повредени кои на самото место се третираа поради вдишувањето чад. она што треба да го истакнеме е дека ова е неформална населба, па затоа, шансите некој да остане заробен во таа зграда се многу големи“, изјави Роберт Мулауџи - служби за управување со вонредни состојби, Јоханесбург.

Дел од станарите се фрлале низ прозорците за да избегаат од пожарот. Објектот бил во сопственост на градот, потоа бил издаден на невладина организација, важел за неформално прибежиште за бездомници.

„Тука сме како влада бидејќи сакаме да ги решиме ситуациите на нашите жители. и градот Јоханесбург, особено внатрешниот дел има голем број предизвици. Жално е што мораме да реагираме на ситуации од ваква природа кога зградата се издава под закуп за рехабилитација на општеството бидејќи тоа беше невладина организација која се занимаваше конкретно со раселените жени“, изјави Кабело Гваманд - градоначалник на Јоханесбург.

„Ова е трагедија од монументални размери. и жално е што денеска сме тука. и ова за нас покажува хроничен проблем со домувањето во нашата провинција. На околу 1,2 милиони луѓе им треба домување во нашата провинција“, рече Лебоганг Мејл - развој на инфраструктурата во провинцијата Гаутенг.

Властите изјавија дека знаат за речиси 100 згради во градот кои немаат сопственици и кои биле користени за домување на диво. овој дел од Јоханесбург е познат како прибежиште за мигранти од Африка кои доаѓаат во оваа земја, која е една од најбогатите на континентот. Јужна Африка има 60 милиони жители. Околу 3 милиони се водат како мигранти, но се верува дека бројката е многу поголема.

 

 

Марина Ристова