Евроинтеграции

Вархеји не сака да се врзува за датуми, земјите-кандидати ќе станат членки кога ќе бидат подготвени

31.08.2023 12:52

ЕУ мора да се прошири со земјите – кандидатки од Западниот Балкан во 2030-та, изјави министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите во Толедо, Шпанија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји не сака да се врзува за датуми, оти кандидатките ќе станеле членки кога ќе бидат подготвени…

Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон, на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Толедо, Шпанија, бара поддршка за заложбата за ново проширување на блокот до 2030-та година со земјите од Западен Балкан. Ваква можност веќе навести претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Ќе ги информирам моите колеги од ЕУ дека на Бледскиот стратешки форум се обврзавме дека во 2030-та Европската унија ќе биде подготвена за ново проширување и Западниот Балкан има голем прозорец на можности да биде подготвен да се приклучи на Европската унија. Ќе им кажам на министрите кога веќе разговараме за проширувањето во соседството да направиме нешто повеќе за конечно завршување на проширувањето на Западниот Балкан“, рече Тања Фајон-вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Словенија.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји оцени дека изјавата на Мишел треба да се разбере како порака дека Советот конечно сака да направи голем исчекор во проширувањето. Но, и тој, како и претходно што соопшти Комисијата, не сака да се врзува со датуми.

„Не мислам дека е прашање на датуми, туку е повеќе прашање на волја и, исто така, на испорачување од ЕУ, но и од нашите партнерски држави од Западниот Балкан и другите три земји кандидатки. Европската комисија е подготвена да направи предлог да стигнеме до проширување. Тоа ќе го видите уште во октомври со сеопфатливиот план, вклучувајќи и план за раст, што ќе ги забрза не само институционалната, туку и вистинската интеграција на луѓето и економиите во Европската унија“, нагласи Оливер Вархеји-еврокомесар за соседска политика и проширување.

Државите што ќе испорачаат најбрзо, најпрвин ќе се приклучат на Унијата, истакна еврокомесарот Вархеји, советувајќи ги земјите-кандидатки да ги забрзаат реформите за кои имаат поддршка од ЕУ.

Ирина Гелевска