Скопје

Со новата градинка „Први Стапки“ проширен капацитетот за 100 деца во Општина Карпош

31.08.2023 14:11

Сто дечиња од општината Карпош ќе бидат згрижени во целосно новиот објект именуван „Први стапки“, кој се наоѓа до постојната градинка ЈГДУ „Орце Николов“ во населбата Карпош 3...

Грижата за најмладите и континуирано подобрување на услугите наменети за нив е врвен приоритет на Владата, што се реализира преку социјалната реформа. Сто дечиња од општината Карпош ќе бидат згрижени во целосно новиот објект именуван „Први стапки“, кој се наоѓа до постојната градинка ЈГДУ „Орце Николов“ во населбата Карпош 3.

На отворањето на новиот објект на градинката во општината Карпош присуствуваше и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, кој пред присутните подвлече:

„Оваа градинка во февруари одбележува 78 години од своето постоење и денес присуствуваме на отворање на сосема нов објект во кој ќе бидат згрижени дополнителни 100 деца. Се работи за објект кој е изграден со сите стандарди за згрижување на деца од најмала возраст во јасли и за повозрасни групи со сите потребни реквизити и се она што значи успешно едуцирање на деца во предучилишна возраст и нивно воспитување. Ова значи и нови вработувања во оваа нова градинка што значи дополнително вработување на наши сограѓани кои работат во оваа област.“

Во новиот објект на градинката се вработени 12 лица како стручен и технички персонал, кои ќе се грижат за децата. Изградбата на градинката е реализирана според највисоките стандарди на енергетската ефикасност, а изградени се четири нови занимални, кои се бидат опремени со нови дидактички материјали, мебел и опрема за правилен раст и развој на најмладите. Просторот е повеќенаменски и адаптибилен, односно овозможува просториите да се отворат и користат за различните потреби на децата за учење и игра.

Изградбата на новиот модерен објект чини повеќе од 23 милиони денари, додека во внатрешното уредување и набавка на воспитно образовни реквизити инвестирани се повеќе од 6 милиони денари. Градинката е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка. Целта на активностите од компонентата 2 од Проектот е да го зголеми пристапот до услуги за ран детски развој со посебен акцент на децата во социјален ризик, децата со посебни потреби и децата од ромски семејства.

Вкупниот капацитет на ЈГДУ „Орце Николов“, со новиот објект се зголемува на 540. Во новиот објект има пространи тераси со што се овозможува заедничка игра на дечињата на отворено. По свеченото отворање на новиот објект во градинката присутните имаа можност да се запознаат со сите содржини кои им беа презентирани од страна на директорката на ЈГДУ „Орце Николов“ Надица Гировска.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, изрази задоволство од отворањето на новиот објект и потенцираше дека нема ништо поубаво од отворањето на можности за да бидат згрижени, воспитувани и да го следите развојот на иднината на една држава, децата.

Градинката е дел од вкупно 16-те нови детски градинки чија изградба се реализира преку компонентата 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика како интегрален дел од севкупната социјална реформа на Владата.