Учебната година почнува со низа новини, дел од учебниците се испорачани
Наставата почнува утре и ќе трае до 17-ти јуни. Дел од учебниците се испорачани, за трето и шесто ќе бидат доставени по одобрување-велат од Министерството за образование. Шаќири понуди 15 насто зголемени плати на наставниците, СОНК анализира…

И покрај најавите, учебници за трето и шесто одделение на први септември ќе нема. Третоодделенците ќе ги добијат на средината од месецот, а нивните соученици од шесто ќе почекаат до крајот на септември. Во меѓувреме ќе учат од дополнителен помошен материјал во електронска форма. Не се готови ниту учебниците за средното стручно образование. Тие се одобрени, но допрва ќе се печатат, вели Шаќири, кој рече дека не чувствува одговорност за ваквата состојба бидејќи тој, како што вели, ги завршил своите обврски.
Додека течат преговорите со СОНК, министерот Шаќири најави повисоки плати од најавените 10 проценти. По средбата претседателот на самостојниот синдикат Неделков, вели дека добиле понуда од Шаќири за 15 насто покачување на примањата на просветните работници. Одлука ќе се донесе во наредните денови.
Новата учебна година ќе почне и со нови безбедносни протоколи, кои ги изработи МВР во соработка со МОН, за да не се повтори сликата со најавите за поставени бомби во училиштата. Во тек е изработката на нов електронски дневник за кој ќе бидат обучени наставниците.
Викторија Милевска
