ШПАНИЈА

Неформалнен состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Толедо

31.08.2023 14:23

Неформален состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија во Толедо. Ситуацијата во Африка, војната во Украина и идните чекори на западните земји во однос на руската агресија-се во фокусот на средбата...

Министрите за надворешни работи на Европската унија на неформален состанок во Толедо. На маса – војната во Украина и кризата во Африка. Високо на агендата е регионот Сахел поради воените удари во Габон и Нигер, кои според официјален Брисел, сериозно ја зголемуваат нестабилноста во тој појас. Европската унија засега не планира евакуации на државјаните на земјите-членки.

„Ситуацијата е мирна. Не гледаме ризик за насилство, или ситуација која може да предизвика опасност. Таму има околу 10 илјади граѓани на ЕУ, но ниедна земја не изрази загриженост. Немаме план за евакуација од Габон како што беше случајот со Нигер“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

„Јас сум против европска интервенција. Но мора да бидеме претпазливи за западноафриканските земји, важно е да проучуваме и да работиме на дипломатско решение во полза на демократијата“, изјави Антонио Тајани, министер за надворешни работи на Италија.

„Треба да ги исполниме барањата на ЕКОВАС и да ги санкционираме бунтовниците со замрзнување на нивните банкарски сметки и одземање на визите. Би сакале што е можно подолго да сме вклучени во еден дипломатски процес. Да ги искористиме сите дипломатски средства пред да поддржиме каква било форма на воена интервенција“, изјави Александер Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија.

Во Толедо се анализираат и идните чекори на западните земји во однос на војната меѓу Русија и Украина, како и последиците на светско и регионално ниво од конфликтот на европскиот континент. Официјален Киев бара системи за противвоздушна одбрана за да ги заштити бродовите со жито на пристаништата во близина на Романија.

„Септември ќе биде многу важен месец за иницијативата за житото и за формулата за мир. Ќе има состанок меѓу Ердоган и Путин, кој се смета за последна шанса за враќање на Русија во Црноморската иницијатива“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Во меѓувреме, по смртта на Пригожин, Антон Јелизаров, познат по прекарот Лотус е избран за нов водач на руската паравоена формација Вагнер.

 

Маја С. Филдишев