Образование

На дел од факултетите нема интерес за студирање, иако покриваат клучни области

31.08.2023 16:17

Во време кога сме соочени со енергетска криза и живееме во многу неизвесно време, нема интерес да се студира за оваа струка. Мал е бројот на пријавени бруцоши. Од Eлектротехничкиот факултет предупредуваат дека е потребна стратегија, зашто ќе немаме кадар. На студиската програма геофизика и метеорологија, пак, нема ниту еден пријавен. Опаѓа интересот и за изучување на македонскиот јазик, и тоа во време кога декларативно, сите се борат за негова заштита...

Ќе се соочи ли државата со ситуација во наредните 10 до 15 години да остане без кадар за сервис и одржување на енергетската мрежа и капацитетите? Во услови на енергетска криза, кога цената на струјата вртоглаво порасна, станува јасно дека ориентацијата кон обновливи извори на енергија ќе биде иднината. Но, состојбата на терен загрижува. Слаб е интересот да се студира енергетика.

Деканот на ФЕИТ Ташковски смета дека е неопходна државна стратегија и планирање за надминување на состојбата.

На ФЕИТ состојбата не е розова, ама на ПМФ е уште пострашна. Сè поизвесно е дека земјава ќе остане и без метеоролози и ќе нема кој да направи стручна анализа за климатските состојби и времето. Ниту еден матурант не покажал интерес да студира метеорологија.

Во услови кога важноста на македонскиот јазик се акцентира повеќе од кога било, низ годините опаѓа и бројот на бруцоши кои сакаат да го изучуваат. Од катедрата се задоволни со годинашните пријави за студирање, но недостигаат и македонисти.

Професорите се согласни – иселувањето на младите и атрактивноста на странските универзитети ги празни домашните.

 

 

Анита Димитријевска-Велковска