Македонија

Почна новата учебна година, сè помалку ученици во училишните клупи

01.09.2023 13:00

Почна новата учебна година. Поддршка и охрабрување за првачињата. Сè помал број ученици седнуваат во училишните клупи. И годинава слични проблеми и маки со учебниците. Доцнат дел за трето и шесто одделение. На 7-ми септември ќе бидат одобрени, во текот на месецот дистрибуирани, уверува министерот Шаќири...

Солзи радосници, многу насмевки и возбуда на стартот на новата учебна година. Во најстарото училиште во земјава „Св. Кирил и Методиј“ со уметнички перформанс добредојде за најмалите ученици.

Тука се и пораките за охрабрување и поддршка од оние што изминале дел од патот – заедно да се втурнат во школските авантури, да учат, но и да другаруваат.

Ѕвончето годинава им носи радост на две паралелки првачиња кои ги исполнуваат капацитетите на училиштето. Овде знаењата ги надоградуваат, освен локалните, и учениците од други општини. Вера Петровска, 36 години ги образува и воспитува. Посочува дека проблемот со иселувањето се рефлектира врз бројноста во одделенијата.

„Ако споредам со минатото, паралелките во нашето училиште броеја по 40 и повеќе ученици, но за жал денес не можеме да се пофалиме со таа бројка. Сепак се трудиме да ги задржиме зошто навистина младата популација значи многу за сите нас, бидејќи тоа е нашата иднина“, вели Вера Петровска, одделенски наставник во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Старите велат – во помали групи полесно се учи, но и брзо ти доаѓа редот за испрашување. Ќе успеат ли учениците да ги апсолвираат знаењата по одделни предмети, ако и оваа година доцнат книгите?

„Не сме задоволни. Ниту еден родител не сака да го праќа детето на училиште а да нема материјали за учење. И ние како родители се снаоѓаме, печатиме, пребаруваме“, вели една родителка.

„Наставниот кадар си ја знае работата, па мислам дека ќе се снајдат додека стигнат учебниците и дека ќе има успешна учебна година“, додава друг.

Од училиштето велат дека се подготвени за стартот на годината, а дистрибуцијата на учебници и материјали тече непречено.

„Дистрибуцијата е во тек, секој ден добиваме, недостасува уште нешто и се надевам дека следнава недела ќе бидеме снабдени со учебници“, вели Соња Кирковска, директор на ОУ „Св. Кирил И Методиј“ – Скопје.

Министерот за образование вели дека нема проблем со учебниците. Според Шаќири, за една година е направено најмногу досега. Најави дека на наредниот состанок на Националниот совет за учебници, закажан за 7 септември, ќе бидат одобрени и тие за шесто одделение што недостасуваат.

„Оваа учебна година ги завршивме сите постапки во рок од девет месеци од доставување на сите нови наставни програми за трето одделение. На 7-ми септември е наредниот состанок на Националниот совет за учебници и тогаш, ќе бидат одобрени и последните учебници за шесто одделение кои чекаат на одобрување и потоа веднаш ќе се испечатат“, изјави министерот за образование Јетон Шаќири.

За квалитетна настава, освен учебници, потребни се и задоволни наставници. Тие во изминатиот период посочија на проблемот со ниските примања. Добија понуда од владата за зголемување на платата за 15 насто, но синдикатот наредните денови ќе се произнесе дали ќе ја прифати понудата.

Учебната година почнува за над 200.000 основци и средношколци. Новина е тоа што се воведува пролетен распуст којшто ќе трае од 29-ти април до 5-ти мај, а учебната година наместо на 10-ти ќе заврши на 17-ти јуни.

Анита Димитријевска-Велковска