Ковачевски: Собраниската седница ќе продолжи кога ќе биде обезбедено потребното мнозинство
Собраниска седница за уставните измени кога ќе има двотретинско мнозинство – датум за стратешки одлуки нема – вели Ковачевски. Од ВМРО -ДПМНЕ обвинуваат власта ја води земјата кон изолација...

Собраниската седница ќе продолжи кога ќе биде обезбедено потребното мнозинство-категоричен е премиерот Ковачевски. Според него не треба да се врзуваме за конкретни датуми кога се работи за стратешки одлуки, а посебен акцент стави на поддршката на меѓународната заедница. Коментирајќи ги барањата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори, премиерот вели-освен избори опозицијата нема ништо друго да понуди освен изолација.
Опозицијата останува на веќе познатиот став за уставните измени како и за предвремените избори, за кој премиерот користеше експлицитни изрази.
„Ни се допаѓа што Ковачевски се обидува да биде хумористичен, но за тоа да биде прво треба да има некаква смисла за хумор и по малку интелигенција“-одговараат од ВМРО-ДПМНЕ
За собраниската седница за уставните измени огласи поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски. Тој појасни дека Предлагачот на иницијативата кон измена на Уставот, во овој случај Владата, воопшто не требаше да си дозволи да покрене ваква постапка без претходно обезбедено 2/3 мнозинство. Единствен исклучок е оваа постапка и насилната постапка за измена на Уставот по Преспанскиот договор, вели Вељаноски.
„Согласно член 196 став 1 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија претресот за измена на Устав трае 10 работни денови и по завршување на претресот се пристапува кон гласање. Денес, на 1 септември завршуваат десетте работни денови откако беше отворена постапката и завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница број 123, закажана и одржана на 18 август. Гласањето мора да се случи најдоцна денес. Секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот“, вели Вељаноски.
Од кабинетот на претседателот на собранието Џафери се повикуваат на неговото последно појаснување пред десетина дена. Џафери тогаш рече дека имал целосно право и се водел од неговата политичка проценка за одлуката да ја прекине седницата откако расправата беше исцрпена и требаше да се гласа за уставните измени.
„Претседателот на Собранието може да ја прекине седница ако нема мнозинство пратеници потребни за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно. Ова е текстот на членот 81 став 1 врз основа на кој сум ја прекинал седницата“ – посочи Џафери.
Марина С. Тонева
