Русија цел на напади со беспилотни летала, продолжува контраофанзивата
Русија објави дека била цел на повеќе напади со беспилотни летала во близина на главниот град и нуклеарната централа. Украина развила оружје што погодило цел на 700 километри, рече претседателот Зеленски…

На сателитски снимки на кои се гледаат сомнителните напади со украински беспилотни летала ДСЕ3, уништени најмалку два воени транспортни авиона во руската воздухопловна база. Русија објави дека била цел на повеќе напади со беспилотни летала во близина на главниот град и нуклеарната централа, додека украинската војска соопшти дека нејзината контраофанзива продолжува на истокот и на југот на земјата.
Украина развила оружје што погодило цел на 700 километри, рече претседателот на Украина. Зеленски се наврати на нападот врз аеродромот во Псков, во близина на руската граница со Естонија и Латвија. Според Зеленски, министерство за стратегиски индустрии го произвело оружјето.
„Дострелот на новото украинско оружје, е 700 километри. Важна вест за фронтот е дека се договоривме за испорака на оклопните возила Медевак за Украина, голема серија. Имаше разузнавачки извештаи од главната управа и од странската разузнавачка служба за плановите на окупаторите. Нивните планови се безнадежни“, нагласи Зелеснки.
Зеленски рече дека целта на Украина е да го произведе најкорисното оружје за одбрана.
Украинските оружени сили продолжуваат со офанзивата во Доњецката област. Во Запорожје се евакуираат жителите, меѓу нив две семејства биле евакуирани од село покрај Дњепар. Преостанале 19 деца, кои наскоро ќе бидат преместени од линијата на фронтот.
„Овие семејства заминуваат во побезбеден регион, избраа друга област. Евакуиравме 11 семејства – тоа се повеќе од 20 деца. Секој ден вршиме планирани евакуации. Евакуацијата се врши индивидуално. Работиме со секое семејство, да откриеме зошто не сакаат да си заминат“, вели Богдан Старокон, началник на воената управа на округот Василив.
„За жал, имаме некои семејства кои одбиваат да заминат, но мислам дека ќе работиме заедно со полицијата и другите агенции за спроведување на законот во врска со присилната евакуација бидејќи гранатирањето навистина се засилува во овие населени места, така што спасувањето животи е најважно“, смета Јуриј Малашко, началник на регионалната воена управа на Запорожје.
Рускиот министер за надворешни работи Лавров разговараше со неговиот турски колега Фидан во Москва околу прашањата поврзани со претстојниот состанок на претседателите Путин и Ердоган. Министерот за надворешни работи на Турција допатува во Русија за да го оживее договорот што ѝ овозможи на Украина да извезе повеќе од 30 милиони тони жито. Кремљ го запре спроведувањето на договореното поради снабдувањето на Киев со оружје од запад.
Марина Ристова
