Смедерево: Поради неплатена кирија, го разнел станот со бомба
Потстанарите му доцнеле со киријата, ставил експлозив и го активирал. Во експлозија во станбена зграда во Смедерево еден загинат и двајца повредени. Истрагата е во тек…

Едно лице загина, а две се повредени во експлозија на последниот кат од станбена зграда во центарот на Смедерево. Експлозијата се случила синоќа, кога сопственикот на станот по расправија со станарите за киријата се разнел со експлозивна направа, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Педесет и шестгодишниот сопственик наводно подолго време се обидувал да го исели четиричленото семејство од својот стан бидејќи не му плаќале кирија.
Експлозијата се случила на четвртиот кат, разнесени се три ката од зградата, по што истата е евакуирана, а околу зградата се расфрлани парчиња мебел, столарија и стакло.
Двајца потстанари, дваесет и двегодишна девојка се здобила со полесни повреди, додека нејзиниот брат се здобил со тешки повреди, во текот на ноќта бил опериран во смедеревската болница, бидејќи имал шрапнели по целото тело.
Во Смедерево граѓаните различно реагираат на трагедијата. Некои велат дека не се плашат, но има и такви кои поради експлозијата морале да пијат лекови за смирување.
„Не се плашам. Јас цело бомбардирање преживеав. Знаете што, денес од се треба да се плашите. И од најблиските. Такво време дојде“, вели жителка на Смедерево.
Експлозијата во Смедерево е само едно од низата убиства и насилства во август во Србија. Во Футог беа убиени две момчиња, во Белград ранети се повеќе лица, се пукаше и во Ваљево и во Крагуевац, а сè уште не се залечени раните од масовните убиства во Белград и Младеновац и покрај мерките на владата со акцијата за разоружување.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
