Македонија

Заради африканска чума ќе се уништат околу 9.000 свињи од една од најголемите фарми во државата

01.09.2023 13:47

Заради еден потврден случај на африканска чума, ќе се уништат девет илјади свињи од една од најголемите фарми во државата. Жителите на Општина Карбинци се против закопувањето на свињите во јами во атарот на селата Таринци и Караорман. Од АХВ информираат дека обврска на Општината е да обезбеди локација за безбедно одлагање на свињите...

Жителите на карбинските села Таринци и Нов Караорман се против ископот на јами во кои ќе се закопуваат околу девет илјади свињи кои ќе се уништат заради појава на болеста африканска чума. Загрижени се дека големиот број усмртени животни се еколошка закана за регионот.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека иако станува збор за изолиран случај на едно заболено животно, ќе треба да се убијат и нештетно да се уништат околу 9 илјади животни во оваа фарма која е една од најголемите во државата, како и во контактните одгледувалишта за кои во тек е епидемиолошка анализа. Уништените свињи треба нештетно да се отстранат и да се закопаат во јами, без никакви последици по здравјето на другите животни, луѓето ниту човековата околина. Законска обврска на локалната власт е да обезбеди локација за јама, најблиску можна до жариштето, во која ќе бидат закопани еутаназираните животни, потенцираат од АХВ. Градоначалникот на Карбинци вели дека не биле прашани за спорната локација, а предвидените две локации за оваа намена кај селата Козјак и Радање се несоодветни за илјадници животни.

За година и половина по појавувањето на првиот случај на болеста „африканска чума“ во делчевското село Драмче, до последниот позитивен случај во село Таринци, убиени и нештетно отстранети се околу 3,5 илјади свињи.

 

Славица Величковска