Охрид

Македонскиот јазик е факт, тој е стожерот на нашата нација и држава

01.09.2023 14:23

Македонскиот јазик е факт, тој е стожерот на нашата нација и држава. Ова беше истакнато на 50-та Меѓународна научна конференција за македонски јазик, литература и култура што традиционално под покровителство на претседателот на државата се одржува во Охрид. И додека во земјава се намалува, во светот расте интересот за изучување на македонски јазик …

Македонскиот јазик е факт и природна неминовност. Тој е стожерот на нашата нација и држава. Беше истакнато на јубилејната 50-та Меѓународна научна конференција за македонски јазик што традиционално се одржува во Охрид, под покровителство на претседателот на државата.

Македонскиот јазик денес се зборува на сите континенти, а во светот расте интересот за негово изучување.

„Македонскиот јазик е факт и дека ние на него гледаме како природна неминовност без романтичарски занес и без националистички егзалтации. И на нашиот човек јазикот му служи како незаменливо средство во борбата за постигање на оние цели што ќе го означат остварувањето на сите претпоставки за оформување на целосни сестрано слободни и духовно развиени личности“, рече професорот Никола Јанкуловски ректор на УКИМ.

Централните теми на Конференцијата годинава се делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов, по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов.

„Преку 50 години нејзините темели се поставени заради идејата дека само преку поттикнување на научната дискусија меѓу странските и домашните македонисти, балканисти и слависти на современ план може да се очечкуа сестрана афирмација на македонистичките научни согледби“, истакна професор Весна Мојсовска Чипишевска директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

На Меѓународната научна конференција во Охрид учествуваат македонисти, балканисти и слависти од 15 различни држави од сите страни на светот.

И додека во земјава се намалува интересот за изучување на македонскиот јазик во светот расте. Оваа научна конференција е уште една потврда дека македонскиот јазик бил и ќе биде, и никој не може да го оспорува.

 

Соња Рилковска