Затворени стотина училишта во Обединетото Кралство поради сомнеж во безбедноста на цементот од кој се изградени
На образовните установи им се заканува уривање поради сомнежот во безбедноста на цементот од кој се изградени. Градежниот материјал е исполнет со воздушни меурчиња и не одговара на критериумите за градење, утврдиле надлежните.

Децата во повеќе од 100 училишта во кралството не појдоа на училиште, откако објектите беа затворени по наредбата на националниот просветен ревизор. Причината е далеку од наивна. На образовните установи им се заканува уривање поради сомнежот во безбедноста на цементот од кој се изградени. Градежниот материјал е исполнет со воздушни меурчиња и не одговара на критериумите за градење, утврдиле надлежните.
„Цементот може да биде многу опасен бидејќи може да се урне без никакво предупредување. Како и да е, може само да се предвиди колку училишта се изградени со овој вид цемент исполнет со меурчиња. Досега имаше само едно уривање, но и тоа е премногу за некој да преземе одговорност и ризик за децата“, вели Ворен Томас, стручњак за цемент од Англија.
Засега е пристигнат потврден одговор од над 150 училишта изградени со овој материјал, се претпоставува дека бројот е над 570. Предупредувањето беше ненавремено и пред самиот почеток на учебната година, што го отвори прашањето каде ќе се образуваат учениците.
„Некои од децата ќе бидат преместени во други делови од училиштето, некои ќе учат во привремени училници, некои плафони на објектите ќе бидат дополнително зацврстени со арматура, така што работиме на повеќе различни работи“, изјави Џилијан Киген, министерка за образование на Обединетото Кралство.
„Нашата политика беше да утврдиме дали цементот е во критична состојба. Испитувањата покажаа дека училиштата во Англија, но и надвор од земјата можат да се урнат. Нивото на ризикот веќе не е ниско“, вели Ник Гиб, министер за училишта во Обединетото Кралство.
Властите го криеја проблемот, не е објавена целата листа на небезбедните објекти, учениците ќе загубат од учењето, реагираше опозицијата.
„Апсолутно е шокантно што ова се случува на почетокот на новата учебна година. И дури сега министрите го објавија огромниот проблем што ги погодува повеќето од луѓето. И сè уште не се искрени со нив. Мора да ги достават податоците до родителите за да се избегнат опасностите за децата“, рече Бриџит Филипсон, министерка за образование на владата во сенка.
Во кралството има околу 20 илјади училишта. Но, меурчињата во цементот се регистрирани и во здравствените установи на островот, што го усложнува проблемот.
Зоран Богатинов
