Македонија

Судскиот совет го повика министерот Лога да придонесе во решавање на проблемите во правосудството

01.09.2023 14:41

Судскиот совет го повика министерот Лога да присуствува на седниците и да придонесе во решавање на проблемите во правосудството. Јавниот обвинител Јовески истражува колку рочишта биле одложувани поради отсуство на обвинителите …

Откако Судскиот совет на седница го разгледа извештајот за работата на Кривичниот суд во Скопје, во кој се нотирани одредени забелешки за отсуствата на обвинителите поради кои се одложувале судските рочишта, Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, во писмо до Судскиот совет побара информации, за кои предмети биле одложувани судските рочишта повеќепати поради отсуство на јавен обвинител, на кои датуми биле закажани одложените рочишта за секој предмет поединечно и со какво образложение го оправдале своето отсуство.

„Ваквата информација е неопходна итно, со цел да се овозможи законска обврска за надзор над законитото и навремено извршување на јавнообвинителската функција, согласно принципот на хиерархија и субординација во Јавното обвинителство“, наведува Јовески во дописот.

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев го повикува министерот за правда, да даде активен придонес во работата на ова тело, затоа што по функција има право да присуствува на седниците, да има увид во материјалите и записниците за состојбите во судството. Првиот човек на Судски вели дека неговите ставови се само лични видувања за решавање на проблемите во судството.

„Ова е негово видување, но да не заборавиме дека министерот за правда е член на Судскиот совет по функција на службеност тој е повикуван, ги добива материјалите и записниците за работа. Во интерес на правосудството е тој да биде активен и да придонесува во решавање на проблемите со кои се соочува правосудството“, изјави Георгиев.

Ова е одговорот на првиот човек на Судскиот совет на обвинувањата на ресорниот министер, дека Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС извршила увид во четири основни судови во Куманово, Берово, Крушево, Кратово и констатирала низа забелешки што сметаат дека е пропуст на Судскиот совет.

Судскиот совет одамна е во клинч со министерот за правда Лога. Откако членовите му забележаа дека тој, заедно со претседателката на Врховен Адеми, иако уредно поканети, веќе подолг период не доаѓаат на седниците, Лога со жесток одговор-се повика на препораките на ГРЕКО, министерот да не биде дел од ова тело, но и на загубениот кредибилитет на Советот.

Игор Панов