Евроинтеграции

Пендаровски: Реални се најавите дека до 2030-та Македонија може да влезе во ЕУ

01.09.2023 14:53

Макрон никогаш не рекол дека Западен Балкан нема да влезе во ЕУ, само поради домашни политички причини опозицијата бара изговор за да не гласа за уставните измени, вели претседателот Пендаровски. За шефот на државата реални се најавите дека до 2030-та земјава може да влезе во Европската унија, па дури и порано, без опструкции од опозицијата. Појаснува-дилемата е јасна, или си за Европа или си против Европа …

Ниту францускиот претседател Макрон ниту, пак, некој друг некогаш рекол дека Западен Балкан нема да влезе во ЕУ, вели претседателот Пендаровски. Сепак, ако поради домашни политички причини барате изговор зошто да не гласате за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ и велите „ние сме спремни да гласаме за Европа, само Макрон не нè сака“, тоа е друго, појаснува шефот на државата.

„Тоа е некоја стара идеја за продлабочување пред проширување или продлабочување, заедно со проширување, некаде пред пет години. Во меѓувреме нема ниту една изјава од претседателот Макрон која вели додека не го направиме ова првото, продлабочувањето, Западен Балкан не треба да влезе. Конечно, Франција беше спонзор на преговарачката рамка која ја усвоивме минатата година“, вели претседателот Пендаровски.

Пендаровски смета дека се реални најавите оти до 2030 година земјава може да влезе во Европската Унија, па дури и порано, без опструкции од опозицијата. Најважниот чекор што треба да го направи Македонија за своите евроинтеграции во моментов е промена на Уставот со која Бугарите и други народи би се внеле во Преамбулата. Според Пендаровски, дилемата е јасна, или си за Европа или си против Европа.

„Имаме јасна дилема-или си за Европа или си против Европа. Имаме седум народи и делови од народи во Уставот. Проблем ли е да ставиме уште шест делови од народи во истиот тој Устав. Како тоа ќе ја загрози Македонија? Повторувам, ако има политички причини, чекајќи ги следните избори, за да дојдеш на власт и потоа да му ја мислиш за Европа и за Устав, тоа е друга работа. Тоа е тесно партиско размислување кое сигурно се судира со стратешките интереси на Македонија“, нагласува Пендаровски.

Власта и опозицијата различно ги толкуваат изјавите на првиот човек на Европскиот совет и на францускиот претседател. Европската Унија мора да си постави временска рамка за новото проширување, бидејќи ако не биде поставена таа цел, ЕУ нема никогаш да биде подготвена за прием на нови членки, порача неодамна Мишел. Макрон пак, рече дека ЕУ треба да се реформира ако сака да се прошири со нови земји, став сличен на тој од пред неколку години кога Македонија доби вето за преговорите со Унијата.

Милчо Велески