ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ се што фатија запустија, а најмногу образованието
Хаосот во образованието го надополнува и новата концепција со споени и модуларни предмети во која наставник од хемија предава и физика, во која тројца наставници предаваат три модули во еден предмет, велат од партијата...

На први септември уште една учебна година започна катастрофално. Две години поминаа и се уште не се испечатени учебници во основното образование, а за средното стручно образование добивме признание од министерот дека немаат пари, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ако лани владата на Ковачевски испечати учебници кај што Албанија е наш источен сосед, а Бугарија западен, годинава реките Еуфрат и Тигар ги лоцираат во Африка. Не би не зачудило утре Ковачевски да излезе во обвинување дека ВМРО му е виновно, или можеби дека се работи за хибриден напад и што ли уште не, само и само да не ја признае неспособноста на својата влада и да понесе одговорност, нагласуваат од опозициската партија.
Хаосот во образованието го надополнува и новата концепција со споени и модуларни предмети во која наставник од хемија предава и физика, во која тројца наставници предаваат три модули во еден предмет.
Оваа концепција која спектакуларно ја најавуваа и ја нарекуваа фински модел, сега признаваат дека е пропадната. И за ова никој не сака да признае дека погрешил, дека направил штета и на наставниците и на децата и на целиот образовен процес, стои во соопштението од партијата.
