Напади од двете страни на границата
Напади од двете страни на границата меѓу Русија и Украина. Има повредени. Војската под команда на Москва ги стави во таканаречено „борбено дежурство“ интерконтиненталните балистички ракети „Сармат“. Кремљ ќе инвестира во освоените територии. Украинската учебна година стартуваше со настава во хибриден формат…

Уште една нуклеарна електрана во опасност од вооружените пресметки на Украина и Русија. Две украински беспилотни летала извршиле напад врз рускиот град Курчатов, Курска област, каде што е стационирана ваква централа. Шефот на вселенската агенција „Роскосмос“ соопшти дека интерконтиненталкните балистички ракети „Сармат“ кои имаат капацитет да носат десет или повеќе нуклеарни боеви глави, биле ставени во т.н. „борбено дежурство“. Повредени цивили во руско ракетирање на Виничката област. Во деловите на Украина кои Москва ги смета за свои нови територии, проруските власти организираат регионални избори. Од Кремљ најавуваат големи инвестиции за обнова и развој на окупираните зони.
„Имаме неколку програми за овие територии. Повторувам, првата етапа е да се достигне серуското ниво од социјален аспект, односно во медицината, образованието, развојот на инфраструктурата, нејзината обнова која беше уништена во голема мера“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Според официјален Киев, не може да постои одржлив мир доколку не се врати контролата врз Крим, Донбас и другите делови. Војната ја смени и образовната шема. 13 илјади училишта почнаа со настава на први септември.
„Речиси милион Украинци ќе учат онлајн. Уште милион ќе имаат настава во хибриден формат. Повеќето од нив се во Украина. Но не смееме да заборавиме ниту едно дете, каде и да е сега. Сите сме Украинци“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„По нашата победа, поинаку ќе го славиме првиот училиштен ден. Ќе го славиме на Плоштадот на слободата, најголемиот плоштад во Европа“, рече Игор Тереков, градоначалник на Харков.
„Војната сигурно им предизвика психолошки проблем на децата, на милиони деца. Меѓутоа, ние се обидуваме да им помогнеме да не се чувствуваат така, да им обезбедиме безбедна околина“, изјави Људмила Усиченко, директор на училиште.
„Штета е што ни се случи војнава, но продолжуваме со животот, Харков е непобедлив и таков ќе остане.“
Вооружениот конфликт меѓу Русија и Украина трае над година и половина.
Маја С. Филдишев
