Како да се намали булингот, предизвик во новата учебна година
Ако се знае дека последните анкети покажуваат дека посебно во средните училишта во Скопје, две третини од анкетираните кажале дека има врсничко насилство, а околу една третина биле жртви на некоја од формите на насилство, тогаш повеќе од јасно е дека училишните психолози се пред сериозна задача во новата учебна година. Тие велат ќе работаат според програмите добиени од МОН, но бараат и поголема вклученост на родителите…

Ако во новата учебна година наставниците од некои одделенија ќе се соочат со проблемот недостиг од некои учебници, нивните колеги училишни психолози се пред сериозен испит како да се спречи, а пред сè превенира меѓуврсничкото насилство, кое досега и тоа како е застапено.
Истражувањата во последните две години покажуваат дека меѓуврсничкото насилство е застапено околу 62%. Психолозите велат дека освен вербалното и физичкото, значајно место зазема и сајбер насилството. Дека овие податоци се загрижувачки потврдуваат и дел од младите, а тука е апелот и од повозрасните.
„Не е безбедно на училиште“, вели еден битолски средношколец.
„Мора да се работи со младите на оваа тема“, додава негов повозрасен сограѓанин.
Проблемот во кој се инволвирани жртвата, насилникот и набљудувачите е комплексен. Вообичаените тимови годинава позасилено ќе работаат по програмите и насоките од министерството каде во преден план е превентивата, велат психолозите.
„Од најмала возраст да се препознае врсничкото насилство. Тука се наставниците кои се во директен контакт, да се препознае жртвата и да се влијае на набљудувачите, да се подигне свеста дека не треба да се молчи“, вели Жанета Ристевска, лиценциран училиштен психолог.
Ристевска апелира за поголема вклученост на родителите и надминување на стереотипот-страв да се оди на психолог.
„Да се надмине тоа-оди кај психологот или педагогот за казна. Жртвата, или оние што некогаш биле жртви да знаат дека имаат со кого да разговараат за своите чувства“, додава Ристевска.
Таа е децидна само со синхронизирана соработка, успехот ќе биде многу поголем да се заштити жртвата пред да се случи насилството кое подоцна носи многу несакани последици.
Стевче Митревски
