Асистенти за децата со посебни потреби
Околу 2.000 ученици, имаат потреба од образовен асистент. Осумстотини од нив, преку Министерството за образование добиваат стручна помош на сметка на државата. За да добие ученикот образовен асистент, родителите треба да достават документ во училиштето, за да може да следи настава…

Филип со љубов и нетрпение ја чека наставничката во училишниот двор за да почне со наставата. Секој понеделник, 1-ви септември за него се празници, бидејќи тогаш оди во својот храм на знаење, во неговото училиште „Ристо Крле“ во село Бунарџик. Тој е посебен, единствен, дете со аутистичен спектар, кое имало среќа да биде прифатено.
„Ја прочитав лектирата Пајажината на Климентина. Имаше многу тажен крај. Пипи долгиот чорап ја прочитав до половина“-вели Филип.
Славица, наставничката на Филип вели за добар резултат, за успех, во вакви случаи не се работи за триаголникот ученик, наставник, родител, тука станува збор за многуаголник кој треба да е совршен од сите. Кога дознала дека во нејзиното одделение ќе има ученик со аутистичен спектар, имала многу прашалници.
„Требаше да се прифати моментот, да се направи план и стратегија како сето тоа ќе се одвива и со Филип, и со учениците и со родителите, да настане една инклузија во училиштето, и тоа да биде успешно пред сè во дружбата помеѓу учениците, и да може да се совлада наставната програма“, вели наставничката Славица Димитрова-Ристовска.
Директорот Петковски вели, за да му се помогне на ученик кој има потреба од дополнителна помош, образовен асистент, родителите треба да достават документ, процена на способностите на нивното дете, дали е потребен образовен асистент, дали е потребна посебна програма, дали е потребно помалку престој во училиштето. Филип има образовен асистент
„За овие деца училиштето не треба да биде дополнителна препорака како во минатото, покрај сите препреки со кои се соочуваат во опкружувањето. Кога влегуваат во образовниот систем се судруваат со најголемата препрека, а тоа е неможноста да бидат прифатени, максимално да можат да напредуваат“, вели Јовче Петковски, директор на ООУ „Ристо Крле“ во Илинден.
Неверојатна леснотија на постоењето не е недостижна, само треба да се има силна волја и љубов.
Наташа Јанчиќ Менковски
