Политика

Спротивни ставови за уставните измени

02.09.2023 15:10

Најавата дека Македонија ќе стане дел од европското семејство до 2030-та за лидерот на опозицијата е манипулација од владата и претседателот на државата. Мицкоски тврди дека Владата го уништила процесот, бидејќи прифатила нешто кое не го прифаќа народот. СДСМ смета дека опозицијата е против подобар живот на граѓаните…

Најавите на власта дека Македонија до 2030-та ќе биде дел од европското семејство се манипулации и лаги сервирани од Ковачевски, Пендаровски, Османи и Маричиќ-вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според Мицкоски, владата го уништила овој процес со тоа што прифатила да спроведе нешто кое народот не го прифаќа. Паметиме, вели Мицкоски, како владата на СДСМ и во минатото ветувал европско здравство, а сега луѓе ни умираат по ходници. Излез од оваа состојба гледа во избори.

За социјалдемократите, пак, Европската унија е единствената алтернатива кој ќе обезбеди подобар животен стандард, повисоки плати, подобро образование, шанса за младите и економски придобивки. Од партијата со нов повик да се одблокираат уставни измени.

Според премиерот Ковачевски, собраниска седница за гласање на уставните измени ќе има кога ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство.

По годишните одмори, во вторник прва собраниска седница. Пратениците ќе треба да се изјаснат за декларацијата за Илинден предложена од СДСМ. Мицкоски иницијативата ја оцени како навреда за илинденците и за Македонците.

Викторија Милевска