Обвинителство

Предистражна постапка по медиумските извештаи за криминална мрежа и препродажба на скапа терапија на Онкологија

02.09.2023 15:25

Се чешла документацијата, се проверуваат компјутерите. Обвинителството во предистражна постапка – дали има криминална мрежа за препродавање на скапа биолошка терапија за болните од рак?

Документи, мејлови во компјутери, претрес во приватни станови. Дали некој вработен од медицинскиот персонал учествувал во криминална мрежа преку која се обезбедувала скапа биолошка терапија под рака за болните од рак. Акција на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Дали пациентите се жртва на бизнис цели на одредени лица?

Се чешла Клиниката за онкологија каде се лекуваат најтешко болните пациенти кои во терапиите кои ги примаат ја гледаат последната трошка надеж за да се спасат.

Надлежните сè уште прибираат докази и истражната постапка е во тек. Се преземаат дејства во предистражна постапка за обезбедување докази кои ќе бидат предмет на анализи и вештачења, со цел да се испитаат евентуални обележја на кривично дело.

„Припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје. Притоа беа одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење. Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка. Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“, соопштија од Обвинителството.

Освен чешлањето на документацијата, нема официјални информации што друго е предмет на предистражната постапка и дејствијата на полицијата. Првиот човек на Министерството за здравство очекува брза разрешница.

„Како министер силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи кои преку дискрециски овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместлива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Според информациите од медиумите, секако неофицијални, се работи за препродавање на скапата биолошка терапија. Односно, пациентите коишто требало да ја добиваат на оваа клиника, на клиниката за онкологија биле препратени да ја купуваат на црниот пазар.

Не се открива дали засега има приведени.

Ана Јосифоска-Тодоровска