Мечките се сè почести гости низ шарпланинските села
Во двор, на нива, низ среде село. Мечките се сè почести гости низ шарпланинските села. Мештаните стравуваат за својата безбедност. Од Националниот парк велат дека решавањето на проблемот е комплексен, оти овие животни се заштитени со закон…

Мечка со мало мече стои под прозорец на една куќа во шарпланинското село Бродец и се обидува да влезе во една од собите. Жителот на селото во неколку наврати го отвора и затвора прозорецот, но мечката упорно стои на прагот од неговиот дом.
Мечките веќе станаа постојани жители на селата на Шара. На самите видеа се гледа како мечки со мечиња се движат низ нивите, во атарите на селата.
Од Националниот парк Шар Планина, велат дека ваквите случаи се сè почести. Прашањето е комплексно оти овие животни се заштитени, но сепак безбедноста на населението е пред сè.
Дехари смета мечките се симнуваат до селата поради депониите во нивните атари каде се во потрага по храна.
Последните податоци говорат дека на Шара се евидентирани 55 мечки.
Зоран Димовски
