Свет

Масовни антивладини протести во Израел, судските реформи закана за демократијата

03.09.2023 11:47

Неколку часа пред овие протести, пред амбасадата на Еритреја во Тел Авив се судрија поддржувачите и опонентите на владата во оваа африканска земја. Над 100 лица беа повредени при интервенцијата на полицијата. Спротивставените страни физички се пресметаа со употреба на дрвени и метални градежни предмети, камења, секири...

Масовни антивладини протести во Тел Авив 35-та недела по ред. Демонстрантите се против судските реформи кои ги сметаат за закана за демократијата. Според нив, ултрадесничарската влада на премиерот Нетанјаху ја води земјата кон автократија. Кон крајот на јули коалициската влада донесе закон со кој се ограничуваат дејствата на Врховниот суд. Врховниот суд треба да ги разгледа жалбите на 12-ти септември.

Неколку часа пред овие протести, пред амбасадата на Еритреја во Тел Авив се судрија поддржувачите и опонентите на владата во оваа африканска земја. Над 100 лица беа повредени при интервенцијата на полицијата. Спротивставените страни физички се пресметаа со употреба на дрвени и метални градежни предмети, камења, секири. Полициските единици се обидоа со солзавец и предупредувачки истрели да воспостават контрола врз толпата. Немирите се случија на одбележувањето на 30-годишнината од владеењето на актуелниот лидер Афверки. На истото место беше организиран и контрапротест.

„За жал, двете страни не го одржаа ветувањето. Овде стигнаа рано со намера да го саботираат настанот. Распоредени сме од синоќа бидејќи имавме информации дека планираат да опожарат објект“, изјави Шаим Бублил, полициски командир.

„Луѓето кои го поддржуваат еритрејскиот диктатор дојдоа и ги заплашија, се степаа на улиците. Ова не е битка против идеја или систем, ова е борба за живот. Секој ден се борат за себе и никој не ги поддржува.“

Еритреја е една од земјите со најлошо досие за непочитување на човековите права. Спас во Израел бараат над 30 илјади Африканци, од кои мнозинството се токму од таа држава, односно 18 илјади Еритрејци. Повеќето од нив влегле незаконски преку египетскиот Синајски Полуостров. Својата татковина ја напуштиле поради политиката на прогон и угнетување.

Покрај Израел, несогласувањата меѓу поддржувачите и опонентите на владата на Еритреја се пренесоа и во дијаспората во Европа и Северна Америка. Минатиот месец во Торонто, Канада, поради сличен судир беше откажан тридневен фестивал на културата на Еритреја.

Маја С. Филдишев