Новата здравствена реформа убаво е замислена, но тешко е остварлива
Реформа во примарната здравствена заштита е добро замислена, но тешко остварлива, велат претставниците на матичните лекари и медицинските сестри. И тие сметаат дека обврските од секундарното здравство треба да се префрлат во примарното, кај матичните лекари, но имаат дилеми како ќе се одлучува кој да се едуцира, кој да добие апарат за еходијагностика и како ќе се платат тие услуги. На медицинските сестри не им е јасно како патронажните сестри ќе дадат толку многу услуги на терен, грижа за родилки, бебиња, стари лица, кога во некои скопски општини на пример има по една патронажна сестра…

Убаво замислено, но тешко остварливо, вака матичните лекари и медицински сестри ја коментираат новата реформа во примарната здравствена заштита која неодамна беше најавена. Со неа се предвидува товарот од поликлиниките и болниците да се префрли во амбулантите на матичните, кои ќе треба да прават еходијагностика на пример. Има цели региони каде што недостигаат медицински и патронажни сестри, а во реформата се предвидува тие да прават доплер на вратни крвни садови, тоа кај нас е научна фантазија, реагира доктор Лилија Чолакова-Дервишова.
За реформата е потребна структурна реорганизација, во некои скопски општини има по една патронажна сестра, вели претставничката на Унијата на медицински сестри. Реформите треба да започнат во делот на образованието.
Патронажните сестри во руралните средини одат со јавен превоз или пеш, патронажната торба со која треба да располагаат е празна, се снаоѓаат на сопствен начин за да помогнат. На овој кадар не му треба обука, имаат работен стаж од 30 години, децидна е Гордана Бешлиоска.
Засега единственото нешто што позитивно го оценуваат е можноста матичните лекари за пет хронични заболувања да можат да препишат терапија, наместо да го праќаат пациентот кај специјалист.
Наташа Јанчиќ Менковски
