Ковачевски убеден дека процесот за уставни измени ќе заврши успешно
Пратеници нема да недостасуваат за уставните измени- Ковачевски сигурен дека парламентарците ќе го поддржат евроинтегративиот процес на државата. Опозицијата и натаму останува на ставот. Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат-уставни измени под бугарски диктат нема да прифатиме…

Уставните измени ќе поминат, на крајот нема да недостасуваат пратеници, тврди премиерот Ковачевски, но не појасни како ќе го разубеди ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка за вметнување на Бугарите во преамбулата.
Тој сепак им порача на членовите на Парламентот дека имаат обврска да го поддржат европскиот пат на државата. Без тоа, вели Ковачевски, нема економски просперитет. Ја посочи Владата на ВМРО-ДПМНЕ како пример дека 11 години, иако пробувала да направи алтернативно решение за економски раст, сепак ништо не постигнала.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со веќе познатиот став: нема промена на Уставот под бугарски диктат. Од партијата велат дека власта го изгубила кредибилитетот и легитимитетот, го уништила евроинтеграцискиот пат на државата, со тоа што прифатила да спроведе уставни измени кои немаат поддршка од граѓаните. За ВМРО-ДПМНЕ, излез од оваа состојба се избори.
По годишните одмори, во вторник прва собраниска седница. Пратениците ќе треба да се изјаснат за Декларацијата за Илинден предложена од СДСМ.
Засега енигма останува и кога ќе биде закажана седницата за гласање на уставните измени, откако на 18-ти август беше исцрпена дебатата. Според изјавите на премиерот Ковачевски, тоа ќе се случи кога ќе се обезбеди двотретинско мнозинство.
Викторија Милевска
