Македонија

Случај „Онкологија“: Расте револтот кај граѓаните, истрагата продолжува

03.09.2023 15:36

Предистражната постапка за Онкологија која ја водат Министерството за внатрешни работи и Обвинителството отвори многу дилеми во јавноста. Дали навистина се препродавала терапијата под рака, на сметка на пациенти болни од рак, кои се лекувале со несоодветна терапија? Премиерот Ковачевски најави дека ќе се воведе систем кој ќе покаже какви лекови влегуваат и излегуваат од Македонија. Во меѓувреме, голем број на сведоштва на роднини на заболени од канцер можат да се прочитаат на социјалните мрежи, кои се сомневаат за начинот на лекување на нивните блиски…

Се зголемува револтот кај народот по објавениот скандал од Клиниката за онкологија. Не стивнуваат реакциите во јавноста од семејства чии блиски починале од карцином. Вријат социјалните мрежи. Потресни сведоштва, секој со своја приказна. Болни судбини на граѓани кои тврдат дека поради несоодветно лекување го изгубиле својот близок.

Ова се грозни наоди, ваков тип на криминал е мултипартиски и мултиетнички. Одговорноста има име и презиме-категоричен првиот човек во владата. Ковачевски со целосна поддршка до МВР и Обвинителството за акцијата која ја спроведуваат. Заврши играчката со здравствениот систем, отсега ќе се знае од влез на лекот во државата, каде се движел и каде завршил, најави премиерот.

Ковачевски е опериран од срам, за скандалот со Онкологија се прави дека не е оттука, а се случувал во негов мандат и поврзан со кадри кои тој ги именувал, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозицијата побараа кривична и политичка одговорност.

Инаку поддршка за истрагата и за брза разрешница стигна и од Министерството за здравство, а се изјаснија и од Лекарската комора. На социјалните мрежи револтирани граѓани за утре најавуваат протест пред Влада.

Надлежните сè уште прибираат докази и истражната постапка е во тек. Документи, мејлови во компјутери, претрес во приватни станови. Изминативе денови Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство ја чешлаат Клиниката за онкологија.

Ана Јосифоска Тодоровска