Жестоки судири пред изборите во Украина

23.05.2014 13:12

Привремените власти во Киев тврдат дека сепаратистите ги убиваат украинските војници користејќи ги цивилите како жив штит...

Жестоки судири во Украина пред претседателските избори закажани за в недела. Екстремистите на украинскиот десен сектор убиле 30 воени регрути кои што го оставиле оружјето за да ги одбранат локалните цивили. Убиени се уште 11 војници, а 32-ца се ранети во одделни судири. Меѓу жртвите имало и членови на народната милиција на Луганск, каде е прогласена  вонредна состојба и мобилизација.

„Четворица вооружени мажи дојдоа во нашиот дом и го киднапираа мојот сопруг“, вели една жена.  

Привремените власти во Киев тврдат дека сепаратистите ги убиваат украинските војници користејќи ги цивилите како жив штит.

„Преплашен сум за да зборувам. Тројца мои другари се убиени, а јас не можам ниту да ги земам телата. Нивната борбена единица лежи во полето веќе 30 минути“, изјави украински војник.           

Привремениот претседател Арсениј Јацењук ја обвини Русија дека сака да ја дестабилизира состојбата и побара вонреден состанок на Советот за безбедност. Рускиот претседател Владимир Путин нареди повлекување на војската од западната граница за да се смири тензијата.

„Нашите европски партнери не успеаја да ја искористат историската шанса да се изгради Европа без поделби и без сопствени интереси. Во кревката политичка состојба во Украина таков притисок може да предизвика голема криза. Ако сакаат да и помогнат на земјата треба да престанат со игри“, смета министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

Во трката за претседател се 17 кандидати, фаворити се независниот кандидат Петро Потрошенко, кој е подржан од партијата на Кличко, поранешната премиерка Јулија Тимошенко од партијата Татковина и пратеникот Серхиј Тихопко од Партијата на регионите.. Според аналитичарите главно прашање е дали изборите ќе ја донесат посакуваната стабилност и мир во земјата и дали официјална Москва ќе ги призне резултатите.

 

Марија Петковска