Меѓународна изложба на македонски и канадски графичари утревечер во КИЦ Битола
Изложбата е настаната како плод на соработката на двајцата куратори, Дерек Мајкл Бесант и Владо Ѓорески, па се прошири на седум македонски плус седум канадски графичари...

Утревечер со почеток во 20.00 ч. во КИЦ Битола, во свечената сала на Офицерски дом ќе се случи свеченото отворање на изложбата „Македонски и канадски графичари 7×7“.
Изложбата е настаната како плод на соработката на двајцата куратори, Дерек Мајкл Бесант и Владо Ѓорески, па се прошири на седум македонски плус седум канадски графичари.
Почетната иницијатива брзо се прошири, наидувајќи на огромна страст за поврзување, така наместо 7+7 уметници, добивме 7×7 учесници како симбол на нашето поврзување бидејќи бројот на уметници кои ќе ги допре овој заеднички проект е многу поголем од 14, 20 или 49. Тука се додаваат и умножуваат и професорите и студентите на катедрите за графика од Факултетите за ликовна уметност од Скопје, Халифакс, Монтреал, Троа Ривиер, Алберта, Едмонтон и Келона, а да не ги заборавиме и организаторите и учесниците на Меѓународното графичко триенале во Битола и Меѓународно биенале за современа графика во Троа Ривиер, велат организаторите.
„Не би можела, а да не го спомнам и значењето на Културен и информативен центар КИЦ Битола со нашиот препознатлив „Офицерски“, како цврст и добро проектиран континуитет и како институција која остава печат врз мапата и агендата на истакнати и признати ликовни, галериски и културни центри во светот. Оваа изложба е нашиот влог не само во институционални рамки туку најмногу како целосен и неизбришлив тестамент за иднината во која светлината на човечкото создавање единствено ќе се доближи до sвездената вечност во која и низ која единствено може да опстане нашата средина, подалеку од сите деструкции, апсурди, назадувања и безидејни себеуништувања“, пишува во воведот директорот на ЈОУ КИЦ Битола, Лили Бошевска.
Изложбата свое претставување ќе има во Канада, како дел од меѓународната соработка. Проектот е поддржан од Министерство за култура, како дел од националната програма за култура во 2023 и Општина Битола.
