Прилеп нуди услови за голем број екстремни спортови
Прилеп веќе се подготвува да ги пречека натпреварувачите во болдеринг –меѓунаредан настан што ќе се одржи во септември. Но, градот и конфигурацијата на теренот во неговата околина нуди услови и за многу други екстремни спортови...

Прилеп полека, но сигурно станува центар за развој на екстремните спортови во регионот. Маунтин бајк, болдеринг, параглајдинг, планински маратон, крос стази за мотори, се само дел од содржините кои секоја година привлекуваат илјадници спортски туристи. Еден од најголемите настани кој се очекува е меѓународниот болдеринг натпревар во септември.
„Во старт почнуваат со 250 учесници, меѓутоа тоа е во Романија, додека тие учесници дојдат кај нас преку Србија и Бугарија се очекува во прилеп да присуствуваат над 500 болдеристи од целиот свет“, вели Ристо Белокапоски, болдер.
Исто така доста атрактивни се маунтин бајк трките во Мариово, и ултра планинскиот маратон.
„Имаме 2 маунтин бајк тури и една од роуд тура од 103 километри, за прв пат имаме трчање во планина и очекуваме во мај да дојдат над 300 учесници“, кажа Слободан Трајковски, Претседател на здружение Вело-Европа.
„Оваа трка веќе е признаена во меѓународни рамки и носи 2 поени за престижната трка Ултра трејл монт блан така да во меѓународни рамки доста добро котира“, рече Трајче Панковски, ултра планински маратонец.
Привлечени од афирмацијата на овој предел во Прилеп присуствуваат и едни од најелитните Јапонски планински маратонци.
„Јас сум планински тркач, дојдов тука за да го испитам теренот и ако е добар во иднина планирам тука да донесам други Јапонски планински маратонци“, вели Тахироки Ишикава, планински тркач.
„Посебно внимание полагаме токму на организирањето на вакви настани, а тоа значи поголема афирмација на Прилеп, поголема афирмација на Македонија и привлекување на повеќе туристи“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
За оваа цел во Прилеп имаше презентација на кратки филмови за OUTDOOR спортови каде присуствуваа голем број љубители на адреналинот од цела Mакедонија.
Дарко Штаркоски
