Руско-украински конфликт

Во тек средба Ердоган-Путин посветена на заживување на договорот за извоз на жито

04.09.2023 12:41

Рускиот претседател Путин во Сочи, домаќин на турскиот претседател Ердоган. Во фокусот продолжување на договорот постигнат со посредство на Обединетите нации за безбеден транспорт на украинско жито преку Црното Море. Турција не ги поддржа воените санкции на Западот. Ердоган ја презеде улогата на посредник меѓу Киев и Москва...

Договорот за жито – централна тема на средбата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со рускиот колега Владимир Путин во Сочи. Анкара во обид да ја убеди Москва да се врати на договорот по предлозите подготвени во ООН кои вклучуваат почеток на преговори за укинување на ограничувањата за руските производители на храна во Европа, како и повторното вклучување на „Роселхозбанк“ во СВИФТ-системот.

„За оваа средба се договоривме одамна, но ова е наша прва лична средба по изборите во Турција. Иако веќе поминаа неколку месеци, темпото на развој на односите меѓу Русија и Турција, стекнато со вашето директно учество, се одржува. Би сакал да го свртам вашето внимание на фактот дека лани ни се зголемил трговскиот промет за повеќе од 80 насто во првата половина од оваа година. Позитивниот тренд продолжува. Не е толку моќен како лани, но сепак е позитивно“, изјави Владимир Путин.

Можноста за заживување на црноморската иницијатива за жито е од витално значење за глобалните резерви на храна, особено во Африка, Блискиот Исток и Азија.

„Сите го следат прашањето за коридорот за жито во односите Турција-Русија и чекаат што ќе произлезе оттука. Верувам дека пораката што ќе ја дадеме по нашата средба ќе биде важен чекор за светот, особено за неразвиените африкански земји“, изјави Реџеп Тајип Ердоган, претседател на Турција.

Само неколку часа пред средбата, Украина обвинува за руски напад врз едно од главните пристаништа за извоз на жито. Москва, пак, за напад со дрон во рускиот град Курчатов. Јужниот фронт и натаму најактивната насока на руската офанзива.

„Русите се обидуваат да напредуваат во областите Новоехоривка и Билохоривка, но вооружените сили на Украина силно возвраќаат. Успеавме да ослободиме 3 километри во насока на Бахмут. Сега руските сили се обидуваат да ја опколат Авдива, но избегнуваат да влезат во градот бидејќи се плашат да не бидат фатени во блиска борба, како во Бахмут“, изјави Хана Малиар, заменик-министерката за одбрана на Украина.

Во меѓувреме, шефот на одбраната Олексеј Резников си поднесе оставка откако претходно Зеленски побара негова смена и поддршка од парламентот за Рустем Умеров.

„Верувам дека на министерството му требаат нови пристапи и други формати на интеракција и со војската и со општеството во целина. Есента е време за зајакнување“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од Крим со предупредување до Зеленски-нема потреба да ни вршите притисок, тоа е опасно. Обидите да се организира инвазија на полуостровот ќе завршат со капитулација-изјави шефот на Комитетот на кримскиот парламент за јавна дипломатија и меѓуетнички односи Јуриј Гемпел.

 

Бојана Крстевски