Претседавачот на Воениот комитет на НАТО на средби со Ѓурчиновски и Петровска
Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер на средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Ѓурчиновски и министерката за одбрана, Петровска. Во фокусот, плановите и развојот на македонската Армија, процесот на трансформација и опремување, како и учество на Армијата во операциите и вежбовните активности...

За три години, Северна Македонија, од влезот во НАТО презеде важни чекори за спроведување на своите одбранбени реформи, вели претседателот на Воениот комитет на НАТО, холандскиот адмирал Бауер. По средбите во Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, порача дека Северноатлантската алијанса во согласност со воената стратегија и стратешкиот концепт, ги извршува плановите за заштита на клучните и релевантните места од главните закани Русија и терористичките групи.
Министерката за одбрана, Петровска, посочи дека земјава е столб на регионалната безбедност. Ќе продолжиме да придонесуваме со свои сили во мисијата на НАТО на Косово, затоа што сме убедени дека регионалната безбедност и стабилност, мора да биде пред сè и над се. Само така можеме да создадеме регион кој е просперитетен и кој ќе продолжи да живее во мир и демократија, рече Петровска.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, рече дека го информирал адмиралот за тековните процеси на вооружените сили, како и за реформите и трансформацијата на нашата армија, операциите кои ги организиравме во земјата, но и НАТО воените операции.
Игор Панов
