Образование

КСДЗ: И покрај тврдењата на министерот Шаќири утврдени се пропусти при обезбедувањето учебници

04.09.2023 14:14

Само учениците од прво и второ одделение ќе имаат учебници по сите наставни предмети и јазици. Третоодделенците и шестоодделенците ја започнуваат годината без ниту еден учебник по сите задолжителни предмети. И покрај тврдењата на министерот Шаќири, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, утврдила големи пропусти при обезбедувањето на учебници. Од институцијата, велат дека ќе поткренат прекршочна пријава против Министерството за образование, на наредната седница ќе ја разгледуваат можноста да поткренат тужба за сите надлежни институции...

Комисијата за заштита од дискриминација контра тврдењата на министерот Шаќири. Сите учебници ги имаат само првачињата и учениците во второ одделение, а од вкупно 126 учебници недостигаат 43 по различни предмети. Претседателката Бендевска најави дека има можност да се поднесе прекршочна пријава а неделава ќе падне одлука дали ќе се поднесе тужба до Министерството за образование, бидејќи е констатирана повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование. Повикувајќи се на документи добиени од МОН, Бендевска посочува дека за третоодделенците нема ниту еден учебник, учениците во шесто ќе немаат книги по задолжителните предмети, а има учебници кои воопшто не се одобрени и такви за кои воопшто не е распишан јавен повик.

Петтоодделенците остануваат и без учебник по новиот предмет историја и општество, кој во мај годинава беше повлечен поради низа неточни информации во содржината. За учебникот по историја за седмо одделение нема да се нарачува дополнителен тираж поради Историската комисија. И покрај укажувањата оваа состојба трае три години рече Бендевска која посочи дека најголем проблем за недостигот од учебници е воведувањето на реформата во основното образование.

Пред почетокот на новата учебна година министерот за образование Шаќири изјави дека за ваквата состојба не чувствува одговорност бидејќи како што рече неговата обврска ја завршил навреме.

 

Викторија Милевска