Матурантите танцуваа квадрил и салса на плоштад „Македонија“

23.05.2014 14:15

„Матурската парада“ ја отвори скопскиот градоначалник Коце Трајановски кој истакна дека матурирањето е значајно за секој млад човек...

Деветстотини четириесет и осум матуранти по осми пат денеска на градскиот плоштад „Македонија“ го заиграа танцот квадрил во рамки на „Матурската парада 2014“. Матурантите годинава играа и салса. Покрај скопските матуранти од 22 училишта, танцуваа и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга.

„Матурската парада“ ја отвори скопскиот градоначалник Коце Трајановски кој истакна дека матурирањето е значајно за секој млад човек.

Матурантите на симболичен начин, преку танц, игра, музика и дружење го одбележуваат своето матурирање. Верувам во младите луѓе, во нивната енергија, знаење, способност и ентузијазам дека ќе постигнат големи успеси во животот и оти ќе бидат подобри од претходните генерации, од нас, потенцира Трајановски.

Последните години составен дел на оваа манифестација е и заклетвата на матурантите за ненасилство, за толеранција и меѓусебна соработка.

Освен дружењето и танцувањето на младите, оваа манифестација има и натпреварувачки тек, да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места или во различни градови.

Организатори на манифестацијата се Дирекцијата за култура и уметност-Скопје и Танцовиот клуб „Ритам плус“ од Скопје. Покровител е Град Скопје, а поддржувачи се Делегацијата на ЕУ во Македонија и Т-Мобиле. Помагатели се компаниите Горска и Секуриком. Медиумски покровител е Македонското радио-Радио Скопје, кое го презема радио сигналот од Словенија.