Пациентите реагираат, надлежните очекуваат брза разрешница на скандалот со онколошките лекови
Меџити и директорката на Клиниката за онкологија очекуваат брза реакција од надлежните за скандалот со лековите. Тврдат дека пациентите ја примаат пропишаната терапија. За МТВ јавно проговори колешката Вања Мицевска, новинарка во Канал 77, на која на 26 години ѝ бил дијагностициран канцер. 2020-та примала хемотерапија…

На новинарката Вања Мицевска на 26 години ѝ бил дијагностициран канцер. Пред три години примала хемотерапија. Вели дека случувањата на Клиниката за онкологија ја вознемириле, ова е премногу стресно за пациентите, за семејствата, но и за чесните здравствени работници.
„Информациите поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија во Скопје сериозно влијаат на психолошкото здравје на онколошките пациенти и на нивните семејства. Стресот за нас може да биде тригер за нарушување на целокупната благосостојба. Со шок и неверување ги примивме сите информации кои деновиве беа објавени од медиумите“, вели Мицевска.
Директорката на Онкологија смирува, од ноември 2022-ра, откако е таа е на чело на Клиниката, сите пациенти ја примаат пропишаната терапија, без никави манипулации. За начинот на лекување одлучуваат 12 лекари, се следи патеката на лековите од влез на Клиниката до нивно искористување. Ограничен е бројот на медицински лица кои можат да влезат во просторијата каде што се подготвува терапијата.
„Надлежните органи да ја донесат одлуката ако има виновници, околу злоупотреба на лекови да ги именуваат. Зошто ова го потенцирам? За нашата Клиника ова е од непроценлива, од огромна важност. Зошто? За да се отфрли таканаречената колективна вина која сега се наведнува над целата наша институција, односно над целиот медицински тим, што ја руши довербата пациент – лекар, што директно се одразува на здравјето на нашите пациенти“, појаснува директорката на Онкологија, Клисаровска.
Клисаровска признава дека како вработена долги години на Клиниката слушала дека се прават незаконски работи, но тоа било само допрен глас, немала допир до документи и пишани докази за тоа. Вели, не може да ограничи влез на медицински лица кои се под истрага бидејќи нема допис од надлежните институции коишто ја следат истрагата. За медицинската сестра којашто на крај на февруари годинава е фатена како краде терапија, вели веднаш е отстранета од работа, а во мај добила отказ.
Министерот Меџити вели дека изминативе шест месеци откако е министер, будно се следи работата на оваа клиника.
„Ние нашето го направивме, за овие шест месеци ова е првиот упад на Клиниката за онкологија и радиотерапија, заради сите нас тука. Ние цело време сме во комуникација со надлежните институции“, вели министерот Меџити.
На Клиниката за онкологија во петокот беа запленети компјутери и документи. Освен на Онкологија, претреси имаше и во два приватни стана.
Наташа Јанчиќ-Менковски
