Пристапот до информации од јавен карактер е право на граѓанинот
Молчењето на администрацијата е честа појава во јавните и државните служби, потврдуваат надлежните, но и барателите на информации. Пристапот до информации од јавен карактер е право на граѓанинот и институциите се должни истите да ги достават без да прашаат поради кои причини се бараат информациите...

Со донесување на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2006 година, институциите се должни информацијата да му ја достават на барателот без да прашаат поради кои причини му е потребна.
„Граѓаните имаат право да дојдат до тие институции и да побараат било каква информација од јавен карактер, а овие иматели се должни да им ја дадат бараната информација“, изјави Јорданка Стојкова – Секретаријат за заштита на правото за слободен пристап до информации.
Граѓаните за сега тешко доаѓаат до потребната информација од некои инстиуции. Со истите проблеми се соочуваат и новинарите.
„Имаме институции во кои многу лесно мижеме да ги добиеме информациите, но има и такви институции од кои никако да добиеш информација од јавен карактер“, вели Абедин Билали – Новинар.
Во гостиварската локална самоуправа тврдат дека во односите со јавноста се пример во регионот.
„По добивањето на барањето од граѓанинот или новинарот, ние веднаш преземаме мерки за да одговориме на тоа барање“, тврди Касам Селими – Сектор за односи со јавност на општина Гостивар.
Доколку не се почитуваат овие законски норми, граѓаните имаат преаво да поднесат жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации во рок од 15 дена.
„Се случува институциите воопшто да не одговорат и тогаш настанува т.н. институт молчење на администрација. Во тој случај, исто така по истекот на законскиот рок од 30 дена, барателот односно граѓанинот има право да поднесе жалба до комисијата“, вели Јорданка Стојкова – Секретаријат за заштита на правото за слободен пристап до информации.
За граѓаните да се запознаат со своите права за слободен пристап до информации, се огранизираат дебати во повеќе градови низ земјава.
Зоран Јованоски
