АХВ ОДЛУЧИ

Девет илјади свињи ќе се закопаат во јама близу до селото Таринци

04.09.2023 18:19

И покрај противењето на жителите и Советот на Општина Карбинци, АХВ не ја смени одлуката за закопување на девет илјади свињи во близина на селата Таринци и Караорман. Градоначалникот вели дека секоја одлука која е на штета на населението, нема да добие поддршка од Советот на општината…

Свињите од фармата во село Таринци, Општина Карбинци, каде на 25-ти август беше потврдено присуство на болеста африканска чума ќе се закопуваат во јама во атарот на село Таринци. Евтаназијата ќе се спроведе во најкус можен рок со претходно обезбедување на потребните услови за безбедна евтаназија на животните и соодветно нештетно отстранување на мршите.

Вака денес одлучи Агенцијата за храна и ветеринарство. Не е прифатен предлогот на локалната власт јамата да се копа помеѓу селата Долно и Горно Трогерци, локација за која позитивно се изјасни и Државниот инспекторат за животна средина.

Градоначалникот вели дека секоја одлука која ќе биде на штета на населението, Советот на Карбинци нема да ја прифати, а не се исклучени и протести.

Славица Величковска