Македонија

Случајот „Онкологија“ ја бранува јавноста, граѓаните гневни на здравствениот систем излегоа на протест

04.09.2023 20:39

Со пароли дека профитот е пред пациентите пред Владата вечерва почна протестот на револтираните граѓани. Нивната реакција ја предизвика случајот на Онкологија поради препродажбата на цитостатиците надвор од земјава. Демонстрантите кои фрлаа јајца врз објектот на Владата, пристигнаа пред Обвинителството од кое очекуваат правна разврска…

„Колку вреди човечкиот живот“, „Убивате за профит“, „Немам врски, немам лек“ – граѓани гневни на здравствениот систем излегоа на протест. Со свирежи и скандирања „оставка“, „крадци“ и „убијци“, револтот го искажаа пред Владата и Основното јавно обвинителство, откако скандалот на Клиниката за онкологија ја разбранува јавноста.

Протестот мина мирно, кон Владата и Јавното обвинителство беа фрлени јајца.

Дел од нив симболично со црвена боја ги обоија дланките, други на улицата пред Владата испишаа убијци. Граѓани кои загубиле близок, ги споделуваа своите приказни.

Организаторите велат со скандалот со грабежот на терапијата за болните од карцином на Клиниката и нивната продажба на црниот пазар не смее да мине неказнето. Дополнуваат дека овој криминал траел со години.

Повикаа на одговорност од вклучените во скандалот.

Андријана Ѓурческа